Конзервација и реставрација на театарот во Стоби (2023)

 

Во текот на септември и дел од октомври беше изведена конзервација и реставрација на мермерните блокови од источната аналема на театарот во Стоби, при што блоковите беа исчистени од различни наслаги, а пукнатините беа исполнети со врзивно средство на база на варов малтер. Конзерваторските работи се последната етапа од предвидените активности од поширокиот проект за конзервација, реставрација и археолошки доистражувања на театарот. Средствата се обезбедени од годишната програма на Министерството за култура.

Во текот на мај, јуни и првата седмица од јули оваа година, беа реализирани конзерваторско реставраторски зафати на ѕидовите од супструкцијата на горниот дел на гледалиштето (summa cavea) и беа изведени археолошки истражувања. Покрај нивоата и слоевите од средниот век и доцната антика, со истражувањата беа откриени делови од надворешниот циркуларен коридор и документирани две арки од масивни песочници во надворешниот ѕид на гледалиштето. Двете арки се во линија со две арки од тули во циркуларниот ѕид IV преку кои се влегувало во коридорите меѓу радијалните ѕидови. Конзерваторските зафати беа на истиот простор како и археолошките истражувања при што беа санирани сериозни оштетувања кај циркуларниот ѕид IV.

 

Извор: Официјална ФБ страна на НУ Стоби.

Фотографија: НУ Стоби, 2023 година

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *