Археолошки истражувања на Големо Градиште – Коњух (2023)

Систематското археолошко истражување на локалитетот Големо Градиште, кај с. Коњух, Кратово, се одвива во континуитет од 2000 година, во соработка помеѓу Археолошкиот музеј на Северна Македонија од Скопје и Гетисбург колеџот од Пенсилванија, САД, а од оваа година, нов партнер во реализацијата на истражувањата е и Универзитетот „Сајмон Фрејзер“, од Ванкувер, Канада.

Во археолошката литература, локалитетот е познат како втор по големина град во римската провинција Дарданија, по Скупи, со површина од околу 17 хектари, која вклучува акропола на издолженото зарамнето плато на ридот Големо Градиште со две станбени тераси на северната и јужната падина на ридот, заштитени со силен бедем, и три цркви и некрополи надвор од бедемите на градот.

Оваа година, во рамките на теренските активности преку вкупно 10 сонди беа истражувани различни сегменти од градот.

На северната тераса, каде е лоцирано главното градско јадро, се доистражуваше југозападниот простор на големиот квадратен анекс објект дограден северно до Епископската базилика, веројатно во втората половина на 6 век. Овде беа откриени градежни елементи кои ја објаснуваат поврзаноста на овој објект со нартексот на црквата и начинот на надминување на висинската разлика помеѓу двата објекти, а исто така открија елементи кои укажуваат постоење на втор кат над квадратниот објект, кој можеби водел и кон галериски простор над нартексот на базиликата.

Северно од анекс објектот и Епископската резиденција продолжи истражувањето на просторот на градскиот плоштад, при што се добија нови податоци за големината и планот на квадратната конструкција откриена на овој простор во 2022 година.

На јужната страна од црквата започна доистражувањето на просторот источно пред крстилницата кон кој водел ходник изведен веднаш покрај јужниот ѕид на базиликата. Со тоа се очекува да се добијат нови податоци за архитектурата и карактерот на овој простор како уште еден сегмент од комплексот градби на главната градска црква.

Со контролна сонда поставена на југозападниот дел на северната тераса, покрај самата патека која води кон локалитетот се откри сегмент од бедемот. Правецот на бедемот кој остава впечаток дека отстапува од линијата на падината наведува на можноста за остатоци од кула.

Оваа година, во Сектор III, на место викано „Ракле“ се направи заштитно истражување на случајно откриени остатоци од ѕидови од глина и малтер. Со истражувањето се откри објект со речиси правилна кружна форма и пречник од 2.10 м, најверојатно печка варница. Печката е ѕидана од глина и обложена со варов малтер од внатрешната страна. Таа била калотеста и вкопана делумно во теренот кој постепено се искачува кон исток, со што останала зачувана во овој дел во висина од са. 1.5 м. Овој наод ја сугерира позицијата на „индустрискиот“ дел на градот на Големо Градиште и неговата околина.

Проектот се реализираше како дел од Годишната програма на проекти од национален интерес на Министерството за култура, а учесници во истражувањето оваа година се: м-р Горан Санев, Археолошки музеј на Северна Македонија – Скопје, ко-раководител; д-р Каролина Снајвели, Гетисбург Колеџ, Пенсилванија, САД, ко-раководител; д-р Сабрина Хигинс, Универзитет Сајмон Фрејзер, Канада, ко-раководител; м-р Радомир Ивановиќ, Археолошки музеј на Северна Македонија – Скопје, заменик раководител; д-р Адриана Дун, кустос археолог, Музеј при Универзитетот Мемфис, Тенеси, САД; Леони Грефрат, студент, Универзитет Рур, Бохум, Германија; жителите на с. Коњух, Кратовско и Геовилд-Мак, Скопје.

Извор: Официјална ФБ страна на НУ Археолошки музеј на Република С Македонија

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *